ПРЕДГОВОР


Шумарството е дисциплина која ги проучува и стопанисува шумите од економски, рекреативен и научен аспект. Како наука таа е должна да биде сеопфатна во својата дејност, да биде промислена за сите околности кои ја бележат шумата. Во таа смисла потребно е да се има познавање за културните вредности кои ги носат дрвјата, за сето она што тие го претставувале во минатото, и денес.

Идејата ми беше да се создаде комплетен извор на информации за симболиката на дрвјата кои може да се сретнат на територијата на Република Македонија. Воедно и да се обработат сите народни називи на дрвјата кои виреат на овие простори. При тоа да се земат во преглед сите културни влијанија за да се формира сеопфатна и веродостојна слика за културните аспекти на дрвјата. Затоа за потребите на оваа дипломска работа посетив голем број на цркви, манастири, џамии и теќа. Единствено податоците од еврејската верска заедница, како дел од влијанијата што преовладувале на оваа територијата, се ограничени. Бидејќи единствената синагога се наоѓа во зграда, односно нема двориште кое би сведочело за некаков култ спрема дрвјата и не сретнав еврејски изворни записи кои се однесуваат на дрвјата во Републик Македонија.

При мојата работа не сретнав литература која целосно го обработува култот на дрвјата, односно културните аспекти на дрвјата во Македонија, поради што потребата од ваков материјал е уште по значајна. Потребата не е само од културен аспект како нешто што претставува обележје на луѓето кои што живеат на овие простори, туку и како нова димензија која долго време е запоставувана во шумарстовото. Со потребата од редефинирање на улогата на шумарството во светот како наука и особено како стопанска гранка, културниот аспект ќе овозможи нов пристап во стопанисувањето со шумите. Така со новите елементи на модерното шумарство, меѓу кои се дел и културните аспекти на дрвјата, шумарството ќе може да завземе важна и сеопфатна општествена улога не само за економијата, во поглед на производство на дрвна маса, туку и за културата и туризмот во регионот.

Сепак во изработката на мојата дипломска работа, поради краткото време и ограничените средства, успеав да обработам само неколку видови дрвја од многуте кои се застапени на територијата на Република Македонија. Кое како за почеток е доволно за да предизвика понатамошни истражувања кои ќе бидат по темелни.

Се надевам дека со оваа мрежна страна пристапот до податоците значително ќе биде едноставен. И дека она што е напишано ќе биде повод за коментари и забелешки, но и нови информации кои јас сум ги превидел или не сум ги спомнал.

Посебно би сакал да се заблагодарам на сите кои ме подржаа во мојата работа и ми помогнаа во прибирањето на податоците. Би ги издвоил Шумарскиот Факултет- Скопје; Институтот за Етнологија при Природно Математичкиот Факултет; Македонска Православна Црква; Исламска Заедница во Република Македонија - Скопје; Еврејска Верска Заедница во Република Македонија; Институт за Македонски Јазик „Крсте Мисирков”; Институт за Фолклор „Марко Цепенков”; Музеј на Македонија; и многу други организации и поединци.


Ранташа Бојан